ШТО Е АИКИДО?
Аикидо е боречка вештина настаната во Јапонија. Во превод значи „Дисциплина за хармонизирање на енергијата“ (АИ – хармонија, КИ – енергија, ДО – начин, дисциплина). Под ова име, основачот Морихеи Уешиба ја воспоставил официјално во 1941-2 година, користејќи го стекнатото знаење од претходно совладаните боречки вештини.
Аикидо техниките се изградени врз принцип на искористување на силата на напаѓачот. Тоа значи дека на нападот не се одговара со судир или директни пресретнувања (блокови, удари и сл.), туку со избегнувачки движења. Со ваквите движења се тежнее телото да се поставува во точни позиции кои напаѓачот го доведуваат до нерамнотежа и на тој начин го прават лесно совладлив.
За да се постигне ова потребно е долготрајно увежбување. Во нашиот клуб тоа се прави според методологија достапна на сите возрасти (почнувајќи од 10 години) . Ефектите од вежбањето се повеќекратно корисни, како за физичкото здравје, така и за менталното. Посебна карактеристика на вежбањето аикидо е јакнењето на способностите за комуникација, социјализација, соработка и тимско работење, што произлегува од природата на техниките и методот на нивно учење.
Самоодбраната е нешто што се подразбира кога се зборува за боречка вештина, но аикидото е специфично затоа што оној што вежба аикидо ќе биде вешт не само да се одбрани, туку притоа и да не го повреди напаѓачот, добивајќи на тој начин драгоцен избор. Ова е воедно и еден од главните адути, поради кои оваа вештина е толку популарна во денешно време.
Во техничкиот дел најголемо влијание за создавањето на аикидото имала вештината „Даито рју аики џуџуцу“. Морихеи Уешиба учел Даито Рју од Такеда Сокаку, кој оваа средновековна самурајска вештина прв почнал да ја подучува надвор од кланот Такеда.
По смртта на основачот се формирале повеќе ограноци. Скоро сите поистакнати ученици формирале посебни училишта за аикидо со различни називи. Денес, најраширен огранок во светот е институцијата формирана од самиот основач која го носи името Аикикаи. Оваа институција е и еден вид “main stream”, бидејќи водството се пренесува од колено на колено во семејството Уешиба и сегашниот дошу (водач на организацијата) е Моритеру Уешиба, внук на основачот.
Поради влијанието што Шинто религијата го имала за негово создавање, многумина мислат дека аикидото е нејзин израз, но тоа не е точно, за што ни сведочи и неговата распространетост ширум светот. Религијата е нешто што е потполно одвоено од аикидото.
