Македонски English

www.henbo.com.mk [site map]

БУДО

Будо е термин од Јапонските боречки вештини. Традиционалното Будо (од пред Меиџи Реставрациајта) најчесто се нарекува корју буџуцу (koryu bujutsu), додека помодерните Будо вештини се нарекуваат гендаи Будо (gendai Budo).

Зборот Будо е составен од овие идеограми од канџи писмото: 武 (бу) - што означува војна, воин, борба, и 道 (до) - со значење пат или начин. Слично на тоа, Буџуцу е сложенка составена од канџи карактерите 武 (бу) и 術 (џуцу) што значи воена техника или вештина.

Па, така Будо најчесто е преведувано како „Патот на Војната“, (Начините на војната) „Патот на Воинот“, или „боречкиот пат“. Будо, поточно, претставува дисциплина и начин на живот спечифицен за Јапонскиот воин. Будото се разликува од многуте други термини кои подразбираат всушност технички вештини и техники кои се вежбаат, како што се: Кјудо (Начин со лак и стрела или патот на лакот и стрелата) и Кендо (Начин на мечот или патот на мечот).

Многумина го сметаат Будото за модерна форма, интерпретација или еволуција на постариот, воен, буџуцу стил или стратегија, иако ова толкување е дискутабилно. Сите овие боречки стилови даваат свој придонес во развојот на она што може да се смета за „помодерни“ наспрема „воените“ аспекти на битка и личен развој. Будо и Буџуцу претставуваат своевидна стратегија или филозофија која се однесува на системите на битка и се термини со широко значење кои често се заменуваат меѓу себе. Нема тест или стандард кои ќе ја направи класификацијата на овој или на оној начин.

Будо (Патот на војната) или Буџуцу (воените техники) ги вклучуваат сите вештини и техники користени од самураите и другите јапонски воини, а составени се од удирачки елементи, борење и користење на оружје. Во модерно време тие се расчленети и преведени во она што нам сега ни е познато како каратедо (удирање), џуџуцу или џудо (борење), аикидо (обединува борење и удирање со нагласено хармонизирање со нападот), кендо (мечување), иаидо (вадење на мечот) и кобудо (со оружје).