МЕЧОТ ВО АИКИДО (АИКИКЕН)
Од најстарите времиња до денеска настанале многу вештини на борба со употреба на различни оружја. Вештината со употреба на меч се разликува од сите останати. Мечот е многу повеќе од обично средство за убивање. Претставува симбол за чест и витештво, без битни разлики во потполно различни култури. Кој не слушнал за мечот на Крале Марко или за Екскалибур - мечот на Кралот Артур? За жал, со појавата на огненото оружје на запад, вештината на употреба на мечот и борбата со ладно оружје паѓа во заборав, а мечот станува украс за парадните униформи или експонат во витрините на воените музеи.

На исток, во Јапонија, два меча, долг и краток (катана и вакизаши) кои висат на појасот со острицата нагоре, се најголемото богатство на самурајот: тие го покажуваат неговиот статус и се симбол на честа на воинот. Култот на мечот во јапонската историја зазема високо место. Како ефикасна острица за сечење (никаде во светот не прават ни приближно толку добри острици како во Јапонија), како уметничко дело, како талисман и фетиш, мечот на самурајот влевал исклучително почитување.
Во рацете на некој невоздржан и груб човек мечот може да стане оружје со кое се дивее, но исто така се верувало дека во рацете на мајстор кој го негува буши-но-насаке (bushi-no-nasake) - чувството на воинот за милосрдие и благост, мечот може да биде добродушен, и може да го зачува животот.
Кон средината на минатиот век кога престануваат феудалните конфликти во Јапонија, вештините кои служеле за војна (па со тоа и подучувале што повешто да се убие противникот, и да се избегне тој да нанесе повреда) почнуваат да прераснуваат во вештини кои што учат спротивно на тоа, односно како да се живее попотполно и подобро. Како борбата со противниците да се преточи во многу потешка борба - борба со себе, со своите стравови, слабости. Така настануваат вештини кои денес ги знаеме како аикидо, карате-до, џудо, кендо. Значењето на ладното оружје, како оружје, станува сé помало.
Од овие вештини, единствено во аикидо-то (заедно со кендо и иаидо) се продолжува со проучувањето на техниката на борба со меч. Основачот Морихеи Уешиба, чиј внук е денеска на чело на организацијата АИКИКАИ, во својата младост ја завршил школата за меч Јагју кај учителот Масакацу Накајема (Masakatsu Nakayema). Оваа школа за меч, нејзините ставови и начинот на борба, пресудно влијаеле на Уешиба кога го заокружувал својот боречки систем кој денес го нарекуваме аикидо. Затоа вештината на мечување која се проучува во рамките на аикидо-то, иако за лаик изгледа помалку сложена од телесните техники, нема за цел САМО да ја дополни обуката на аикидо-то и вештината да ја направи поатрактивна, туку многу повеќе.
На посебни тренинзи посветени на техники со бокен (дрвен меч - јап.) се учат основни вежби (во парови или самостојно), кои во себе содржат основни секови, движења и стратегии на борби со меч. Основните вежби се замислени како договорени борби во пар (ги има шест и се нарекуваат тачи - tachi) ги содржат во себе сите елементи на школата за мечување Јагју. На сите оние, кои вежбајќи аикидо во школите каде што од непознавање ги запоставуваат техниките со меч, или воопшто не ги работат, недостапни им се фундаменталните принципи кои се учат преку мечот, а и ја претставуваат самата суштина на аикидо-то.
