Аикидо клуб „ХЕНБО“

Henbo

Во Хенбо се изучува изворно аикидо, а не некој новонастанат и изменет стил. Клубот е членка/основач на Македонската аикидо федерација - Аикикаи Македонија, која сертификатите за степени официјално ги добива од Светскиот аикидо центар - Аикикаи фондацијата (Хомбу доџо) во Токио, Јапонија.

Вежбаме според дидактичкиот систем на учителот Масатоми Икеда - 7.ДАН Аикикаи Шихан. Овој систем се одликува со одлична методологија за учење која овозможува разбирање на изворите на аикидото и правилно согледување на суштинскиот принцип на неотпор. Програмата за полагање за степени е исто така составена од Масатоми Икеда сенсеи. Учител во аикидо клубот Хенбо е Дамјан Цингарски.

Како неодвојлив дел од аикидото, изучуваме и аикикен (техники со меч) и аикиџо (техники со стап). Исто така, следејќи го во целост системот на Икеда сенсеи, ја изучуваме и Хоџо катата (како многу корисен додаток на аикидото) и Генкикаи (систем на вежби за телесно здравје).

За да го збогатуваме знаењето во областа на аикидото организираме семинари неколку пати во годината. Еднаш со нашиот ментор Микеле Кваранта, а останатите со други познати аикидо учители.

Членовите на Хенбо редовно посетуваат меѓународни семинари и во земјава и во странство, и редовно полагаат за степени (појаси) кои се сертифицирани и меѓународно признаени.

Во неколку наврати кога медиумите беа заинтересирани за вештината Аикидо и за активностите на нашиот клуб, беа направени репортажи и гостувања во разни медиуми. За соработка сме секогаш отворени, повелете!