Аикидо клуб Хенбо

henbo IX 2008

Во Хенбо се изучува изворно аикидо. Клубот е членка/основач на Македонската аикидо федерација - Аикикаи Македонија, која сертификатите за степени официјално ги добива од Светскиот аикидо центар - Аикикаи фондацијата (Хомбу доџо) во Токио, Јапонија.

Вежбаме според дидактичкиот систем на учителот Масатоми Икеда - 7.ДАН Аикикаи Шихан. Овој систем се одликува со одлична методологија за учење која овозможува разбирање на изворите на аикидото и правилно согледување на суштинскиот принцип на неотпор. Програмата за полагање за степени е исто така составена од Масатоми Икеда сенсеи.

Клубот го води Дамјан Цингарски.

Како неодвојлив дел од аикидото, изучуваме и аикикен (техники со меч) и аикиџо (техники со стап). Исто така, следејќи го во целост системот на Икеда сенсеи, ја изучуваме и Хоџо катата (како многу корисен додаток на аикидото) и Генкикаи (систем на вежби за телесно здравје).

За да го збогатуваме знаењето во областа на аикидото организираме семинари неколку пати во годината. Еднаш со нашиот ментор Микеле Кваранта, а останатите со други познати аикидо учители.

Членовите на Хенбо редовно посетуваат меѓународни семинари и во земјава и во странство, и редовно полагаат за степени (појаси) кои се сертифицирани и меѓународно признаени.

Во неколку наврати кога медиумите беа заинтересирани за вештината Аикидо и за активностите на нашиот клуб, беа направени репортажи и гостувања во разни медиуми. За соработка сме секогаш отворени, повелете!

Името на клубот, Хенбо ( 変貌 ), е јапонски збор што во превод значи „преобразба (трансфигурација)“. Една мала анегдота е поврзана со изборот на ова име. Во времето кога не постоеше Google translate, не беше едноставно да се најде соодветен превод на јапонски. Одлучено беше клубот да се вика „Преображение“ (по христијанскиот празник, и со целата симболика која оди со него), но поради технички причини, превод за тој термин со такво значење не успеавме да најдеме. Хенбо беше најблиску до тоа што ни беше цел, па така и бидна. Сега знаеме дека Преображение на јапонски се вика Хенјо ( 変容 ), но веќе се навикнавме и нема да го менуваме. :)

ЗА ЗАЧЛЕНУВАЊЕ КЛИКНИ ТУКА!