ВЕСТИ

Информации за најновите случувања

ИЗВЕСТУВАЊЕ ОД ЈУБИЛЕЈНИОТ СЕМИНАР ПО ПОВОД 40 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ НА ШВАЈЦАРСКАТА АИКИДО ФЕДЕРАЦИЈА во НУШАТЕЛ, ШВАЈЦАРИЈА

aikido

 

11-13 септември 2009

Како што и би очекувале за било што од Швајцарија, јубилејниот семинар на најбројната и најстарата нивна аикидо федерација беше организиран совршено. Дури 800 учесници имаа можност да учат од аикидо лекциите на четирите најпознати аикидо имиња во Европа: Хироши Тада (Hiroshi Tada 9.Dan), Катсуаки Асаи (Katsuaki Asai 8.Dan), Јоџи Фуџимото (Yoji Fujimoto 7.Dan) и Кристијан Тисие (Christian Tissier 7.Dan). Но не само од овие прочуени учители, имавме можност да се запознаеме и со носителите на највисоките степени од Швајцарската аикидо федерација, кои веројатно по заслуга на нивниот технички директор Масатоми Икеда (Masatomi Ikeda 7.Dan), покажаа дека нивото на знаење е на исто рамниште со она на големите учители. И навистина, можеби не е далеку денот кога првенството што Јапонија сеуште го има во оваа вештина, ќе го изгуби за сметка на некои европски или американскки земји, како што тоа веќе се случи и во некои од останатите боречки вештини со јапонско потекло, карате, џудо итн.

40ACSA (6)
Една третина од главната сала за вежбање.

Но, да не заборавиме дека аикидото е дисциплина во која нема натпревари и начелно се бори против таквиот натпреварувачки дух, па, иако тешко, да се надеваме дека во иднина нема ни да треба да се зборува за некакво првенство, кое сега, за жал, се уште е присутно во настапите на јапонските аикидоки.

Веќе во неколку наврати спомнав дека многу ми е криво што од нашата земја бев единствен претставник на овој настан. Да имавме можност повеќемина да отидеме, сигурно и повеќе искуство ќе донесевме, а и ќе имавме можност да направиме и ембукаи, со што ќе се претставевме како земја. Но, добро, некој следен пат... Сега ќе се потрудам да го пренесам доживеаното и сите впечатоци.

Најпрвин бројките: 800 учесници (од 6 КЈУ до 6 ДАН), 3 дена, 21 тренинг, 8 предавачи, 2 часа ембукаи. Во прецизно организиран распоред, сето ова се смести во викендот од 11-ти до 13-ти септември во Нушател, гратче во западна Швајцарија. Беа потребни две огромни спортски сали за сето ова да добие свој простор и време. Поголемата, со големина на три споени кошаркарски игралишта, и помалата која се наоѓаше во склоп на градскиот стадион. И уште една голема повеќенаменска сала која послужи како простор за оброците за сите учесници и во која се организираше и забавата во саботата навечер.

40ACSA (5)
Со живата легенда - Хироши Тада сенсеи (Hiroshi Tada sensei 9.Dan)

Капацитетите за сместување (барем оние со нормални цени) беа потполно зафатени, па многумина, меѓу кои и јас, одевме да спиеме во некој од соседните гратчиња. Иако можеби звучи чудно, тоа не претставуваше никаква тешкотија бидејќи швајцарската железница функционира беспрекорно.

Настанот започна во петокот со тренинзи кои ги водеа швајцарските учители, носители на 6-ти Дан. Осуммината со највисоките степени се: B. Caloz, D. Jocic, F. Marrella, M. Quaranta, R. Filippin, R. Schmocker ,J.-C. Aegerter, F. Heuscher. За жал, не беше возможно да се присуствува на сите нив, бидејќи тренинзите се одржуваа истовремено од неколку учители во големата сала која за таа цел беше поделена на три дела. Јас тренирав кај Д. Јоциќ, Ц. Егертер и се разбира кај мојот учител Микеле Кваранта. Овие три тренинга беа најдинамични во текот на целиот настан.

Првиот тренинг во саботата, за сите учесници заедно, го водеше Хироши Тада сенсеи (9 Дан). По него се менуваа останатите 3 легендарни мајстори: Катсуаки Асаи (8 Дан), Јоџи Фуџимото (7 Дан) и Кристијан Тисие (7 Дан). Распоредот беше направен така што секој од учесниците имаше можност да вежба на по два тренинга кај секој од овие мајстори. Сите од нив, секој во свој стил, ни пренесоа дел од своето знаење, искуство, начин на подучување и воопшто позитивна енергија.

Х. Тада сенсеи има 80 години, а сеуште се движи како да има 25. Неговите лекции беа повеќе насочени кон најсуштествените работи кои се изучуваат и истражуваат во аикидото. Објаснувањето на разни техники им го отстапи на своите помлади, и по години и по степен, колеги.

Катсуаки Асаи сенсеи во двата трениннга, одработи минимален број на техники, но инсистираше тие да се работат без прекин. Во такви моменти разбираме што навистина значи тренинг. :)

40ACSA (3)
Во опуштена атмосфера со Ј. Фуџимото сенсеи (Yoji Fujimoto sensei 7.Dan)

Јоџи Фуџимото сенсеи имав можност да го запознаам и пред оваа прилика, пред две години во Белград, кога таму одржа семинар. Како и тогаш, и сега останав импресиониран од неговите тренинзи. А можеби од се највеќе ми се допаѓа непосредноста со која стапува во контакт со луѓето. Таквата директност понекогаш знае и да биде незгодна за некого. :)

Единствениот европјанин меѓу овие големи имиња беше Кристијан Тисие од Франција. Општо е познато дека на нејапонец навистина мнооогу тешко му се доделува повеќе од 6-ти Дан (што според мене е многу нефер политика од страна на јапонците), и можеби затоа овој учител со својот 7-ми Дан е толку надалеку познат и уважен. Два епитета ќе го опишат скоро целосно: брз и прецизен! Не знам колку увежбување е потребно за да се постигне нивото кое го презентираше Тисие сенсеи, ама тој навистина е пример за истрајноста на тој пат.

Во саботата навечер, како што погоре спомнав, беше организирана забава. Некој швајцарски бенд ги свиреше сите точни песни за да создаде одлична атмосфера во која сите уживаа. Една од убавите работи на ваквите забави е можноста да ги запознаеш учителите надвор од татамите. Тие искуства, за жал, не се пренесуваат. :)

Преостанатите неколку дена пред враќањето во Скопје ги искористив да вежбам во клубот на мојот учител. Тоа го заокружи искуството!

Намам што да заклучам... Еве, погледнете ги сликите и во иднина искористете ја секоја можност да бидете дел од вакви настани!

Поздрав,

Дамјан Цингарски