ВЕСТИ

Информации за најновите случувања

Искуствата се натрупуваат, а учењето никогаш не запира.

Минатиот викенд се одржа најавениот семинар во Нушател, Швајцарија, по повод 5 години од постоењето на клубот "Dojo de Neuchâtel - Espace Culturel" предводен од Ерик Граф 3.Дан Аикикаи. Поканети беа 10 аикидо учители од неколку земји и секој од нив одржа по еден тренинг. Заедно со почетниот и завршниот тренинг на домаќинот, во два дена имавме 12 тренинга. Многу. Но само во поинакви услови тоа ќе резултираше со незадоволство. Пријатната атмосфера што владееше до самиот крај, дури и покрај заморот им даде елан на сите да вежбаат посветено.

neuchatel aikido 2011

12 различни учители, 12 различни приоди кон подучувањето, 12 различни експресии, но сепак само ЕДНО аикидо. Нашава боречка вештина е како и секоја друга уметност или наука. И секој од нас во неа ќе научи понешто, многу или малку, плитко или длабоко, ама никој не може да научи се и тоа е добро, бидејќи тоа ќе остане како причина да се среќаваме и да разменуваме нови и нови искуства.

По завршетокот на семинарот имавме можност да вежбаме на еден редовен тренинг во Нушател, потоа го посетивме клубот во Офтринген и на крај во нашата аикидо Мека, кај учителот Микеле Кваранта сенсеи во Базел. Сите искуства повеќе од убави.

Голема благодарност до домаќинот за укажаната доверба и чест да предавам на овој семинар заедно со останатите 9 гости-предавачи. Им се заблагодарувам и на сите што учествуваа во јубилејниот семинар на клубот од Нушател и се надевам дека ваквите семинари ќе станат редовна практика за да се дружиме почесто.

Дамјан Цингарски

seminarski 2011 enweb

Во викендот на крајот од март (26 и 27 Март) нашиот клуб ќе го организира шестиот по ред семинар со учителот Микеле Кваранта од Базел, Швајцарија. Семинарот ќе биде отворен за сите заинтересирани.

Местото на одржување ќе биде салата на карате клубот РАБОТНИЧКИ (до ТЦ Беверли Хилс).

Распоред на термини:

Сабота 10:00-12:00 и 16:30-18:30

Недела 10:00-12:00

Такса: 1500 денари.

 

Особено задоволство ни е да објавиме дека нашиот учител, Дамјан Цингарски, е првиот македонец кој надвор од границите на нашата земја официјално е поканет да одржи тренинг/час од нашава боречка вештина. На покана од клубот за аикидо од Нушател, Швајцарија - "Dojo de Neuchâtel - Espace Culturel", а по повод прославата на нивниот 5 годишен јубилеј, за кој што организираат семинар и пригодна прослава, нашиот учител ќе биде еден од предавачите кои ќе имаат чест да одржат по еден тренинг. Семинарот ќе се одржи на 21 и 22 мај 2011 г. во истиот клуб.

Семинарот е замислен како големо аикидо дружење, и сите кои сакаат да бидат дел од него се добредојдени!

5years DojoNE small

 

На 15.10.2010 г. клубот „Ирими наге“ од Скопје славеше 10 години постоење и по повод овој јубилеј организираше голем семинар за Реално аикидо со пропратна демонстрација на вештината. Почестени сме што бевме поканети да учествуваме на оваа демонстрација како единствени претставници на Аикикаи аикидо. Голема благодарност до организаторот на овој настан Маријан Трајковски. Еве ја нашата презентација од два агла :)

 

Ерик Граф сенсеи повторно ќе одржи семинар во нашиот клуб. Овој пат, на општо задоволство, семинарот ќе трае три дена со шест тренинзи. После минатогодишното искуство, со нетрпение ја очекуваме можноста повторно да учиме од овој одличен учител.

seminar poster october 2010 small

Термините ќе бидат допрецизирани деновиве, но би требало да има по два тренинга дневно, првиот во 10:00 претпладне а вториот во 17:00 попладне. Сабота, недела и понеделник (неработен ден - 11 Октомври). Семинарот ќе се одржи но нашиот клуб и ќе чини 900 денари.

Како и секогаш, семинарот е отворен за учество! Повелете!

 

Првиот тренинг годинава ќе го одржиме на 13-ти септември (понеделник). Сите заинтересирани за запишување можат да ја снимат пристапницата и пополнета да ја донесат на првиот тренинг. За сите додатни информации повелете прашувајте.

Термините остануваат исти како и минатата година, со тоа што во саботите наутро на кејот ќе се одржува незадолжителен тренинг за ХОЏО катата што нема да се наплатува дополнително.

Се гледаме во сала!

 

Минатата недела имавме чест и задоволство да бидеме посетени од секретарот на Молдавската аикидо федерација (Аикикаи). Неговото име е Сергеј Грама (Sergiu Gramma) и носител е на 3 Дан. Гостувањето беше сосема неофицијално и спонтано, токму како и што доликува на практикантите на боречки вештини.

Во двата тренинга, освен што му го претставив системот за учење аикидо по кој работиме, го замолив и тој да ни одржи еден час за да се запознаеме со неговиот израз. Многу убаво искуство и едно драгоцено пријатлество повеќе за сите нас. Голем аикидо поздрав до Грама сенсеи!

Дамјан Цингарски

sergiugramma

Погледнете ги сликите во галеријата!

 

Јубилејниот петти семинар на нашиот ментор Микеле Кваранта сенсеи помина соодветно за јубилеен настан. Над 50 учесници, во полна посветеност ги следеа тренинзите на Кваранта сенсеи. Задоволството и кај него беше очигледно што во Македонија има се повеќе аикидоки на кои им се допаѓа методологијата на Икеда сенсеи, која тој неуморно и непроменето ја предава повеќе од 25 години.

Пред почетокот на семинарот се одржа полагање за КЈУ степени на кое положија неколкумина членови од нашиот клуб.

До следното видување со нашиот учител, тренирајте здраво!

sem2010mart

Погледнете ги сликите во галеријата!

 

Полагањето за 6ти и 5ти КЈУ степен во рамките на Македонската аикидо федерација - Аикикаи Македонија се одржа денес (среда 17.03.2010). Положија сите 18 кандидати, од кои 11 беа од нашиот клуб. Им честитаме на сите!

aikido polaganje 6 i 5 kju

Погледнете ги сликите во галеријата!

 

graz sem

Изминатиов викенд бевме гости на семинарот за отворање на аикидо клубот кој од сега па натаму ќе работи во Грац, Австрија. Името му е „Aikido Schule Graz“, а старешина во клубот е Тамо Трантов (Tammo Trantow), ученик на Кваранта сенсеи кој од Базел се пресели во Грац.

2010 MARIO CERNY

Овој мал свечен семинар го водеа двајца од најистакнатите ученици на Кваранта сенсеи. Едниот од Словачка - Марио Черни (Mario Cerny), а вториот од Швајцарија - Винченцо Скиавоне (Vincenzo Schiavone).

2010 VINCENZO

Семинарот, иако со мал број на учесници, беше потполно меѓународен, а по интензитетот не само што не заостана зад многу поголемите семинари од него, туку и ги надмина. Мајсториите што ги покажаа овие два ученика-учитела, им го оправдаа насловот МАЈСТОР повеќекратно!

Погледнете ги сликите за да почуствувате делче од атмосферата. <ОВДЕ>.

 

Quaranta sensei

Во викендот на крајот од март (26, 27 и 28 Март) нашиот клуб ќе го организира петтиот по ред семинар со учителот Микеле Кваранта од Базел, Швајцарија. Семинарот ќе биде отворен за сите заинтересирани. Веќе е најавено учество од соседните земји Србија и Бугарија, а гости ќе има и од други европски држави.

Местото на одржување ќе биде салата на карате клубот РАБОТНИЧКИ (до ТЦ Беверли Хилс). Не ја пропуштајте приликата!

Преземете ја поканата во PDF формат <ОВДЕ>.