Искуствата се натрупуваат, а учењето никогаш не запира.
Минатиот викенд се одржа најавениот семинар во Нушател, Швајцарија, по повод 5 години од постоењето на клубот "Dojo de Neuchâtel - Espace Culturel" предводен од Ерик Граф 3.Дан Аикикаи. Поканети беа 10 аикидо учители од неколку земји и секој од нив одржа по еден тренинг. Заедно со почетниот и завршниот тренинг на домаќинот, во два дена имавме 12 тренинга. Многу. Но само во поинакви услови тоа ќе резултираше со незадоволство. Пријатната атмосфера што владееше до самиот крај, дури и покрај заморот им даде елан на сите да вежбаат посветено.
12 различни учители, 12 различни приоди кон подучувањето, 12 различни експресии, но сепак само ЕДНО аикидо. Нашава боречка вештина е како и секоја друга уметност или наука. И секој од нас во неа ќе научи понешто, многу или малку, плитко или длабоко, ама никој не може да научи се и тоа е добро, бидејќи тоа ќе остане како причина да се среќаваме и да разменуваме нови и нови искуства.
По завршетокот на семинарот имавме можност да вежбаме на еден редовен тренинг во Нушател, потоа го посетивме клубот во Офтринген и на крај во нашата аикидо Мека, кај учителот Микеле Кваранта сенсеи во Базел. Сите искуства повеќе од убави.
Голема благодарност до домаќинот за укажаната доверба и чест да предавам на овој семинар заедно со останатите 9 гости-предавачи. Им се заблагодарувам и на сите што учествуваа во јубилејниот семинар на клубот од Нушател и се надевам дека ваквите семинари ќе станат редовна практика за да се дружиме почесто.
Дамјан Цингарски